Грците во Австралија притискаат за Преспанскиот договор, Македонците се повикуваат на мултикултурализмот

Австралискиот хеленски совет од австралиските власти бара доследно почитување на Преспанскиот договор и забрана на употребата на зборот македонски/Македонци од страна на македонските организации во државата, додека грчките организации почнуваат да го користат терминот „Македословени во официјлната комуникација, како што пренесе грчкиот весник што се печати во Австралија „Неос Космос“.

– Ја молиме нашата австралиска влада да ги признае правата на Македонците од хеленско наследство и потекло (повеќе од 2,8 милиони кои живеат во грчката провинција Македонија и повеќе од 260 илјади кои живеат во Австралија), нашата историја и култура како Македонци со грчко потекло и култура, различно од етничкото македословенско, албанско, ромско и влашко население од новонастанатата земја и уставно прифатено од нејзиниот народ, како и од ООН, ЕУ и НАТО како Северна Македонија – пишува во писмото кое Австралиско хеленскиот совет најавува дека ќе го прати и до македонскиот премиер Зоран Заев.

На ваквите барања на Хеленскиот совет реагираше и почесниот македонски конзул и долгогодишен активист во македонската заедница во Австралија, Зоран Ќосески, нагласувајќи дека современото австралиско општество се заснова на трите столба на мултикултурализмот – меѓусебното почитување, толеранција и разбирање со еднаков пристап до сите владини услуги.

– Современото австралиско општество се заснова на трите столба на мултикултурализмот, меѓусебно почитување, толеранција и разбирање со еднаков пристап до сите владини услуги. Македонската заедница во Австралија заедно со сите други заедници, вклучително и хеленската заедница, придонесоа многу за развојот на Австралија и ќе продолжат да го даваат тоа како Австралијци со македонско потекло. Архивската статистика на министерството за имиграција во Австралија покажува дека Македонците се декларирале како Македонци уште од самиот почеток на 20 век – рече Ќосески во изјава за „Нова Македонија“.

Хеленскиот совет во барањето до властите во Канбера се жали и на „континуираното провокативно однесување на македословенската заедница во Австралија“. Згора, Грците ја повикуваат австралиска влада преку Министерството за надворешни работи и трговија, да ги насочи сите оддели и организации да ги почитуваат одредбите од Договорот од Преспа.

Be the first to comment

Leave a Reply

Your email address will not be published.


*