Загина во сообраќајка, но ние Македонците ќе ја паметиме засекогаш: Кротката дива на народна музика со топол, но ненадминлив глас

На 3 февруари 2002 година, во приквечерината, Петранка Костадинова, една од најдобрите македонски пејачи на народна музика на сите времиња, загина во сообраќајна несреќа во центарот на Скопје. Пред несреќата, таа била во МРТВ за да ја направи студиската снимка на песната што требало да ја изведува на престојниот фестивал “ГОЦЕ ФЕСТ”. Таа е воедно и нејзината последна снимена песна. Зад себе ги остави сопругот и двете деца.

Костадинова важеше за една од најдобрите изведувачки на старите народни песни и не без причина го носеше епитетот доајен на македонската народна музика. Многу песни се испеани во нејзината 35 години долга кариера.

Костадинова во својот репертоар ги има испеано речиси сите македонски народни бисер- песни, но како и секој вреден изведувач, има барем една песна што се врзува за неговата интерпретација. Нејзина песна беше “Кирјана”, иако не помалку знаеше да ги растрепери срцата и со “Ја излези стара мајко”, “Едно малој моме”, “Трај душо трај”… 

Во својата триесетгодишна кариера, Петранка учествуваше на речиси сите фестивали за новосоздадена песна, што се создаваа во Македонија, од кои ќе останат запаметени песните: “Леонид со мајка вечера” од првото “Валандово”, “Мајсторе, мајсторе”, “Две калинки”, “Слушни ја сестро песната”, “Мајка”, дуетот со Ѓоко Дончев- “Името не го даваме”, хумористичната песна испеана со Ленче Кукиќ- “Една куќа, две жени”… Во текот на својата богата пејачка кариера, нејзините песни беа дел од многу изданија на носачи на звук – аудио касети и ЦД-а.

Речиси сиот свој живот Петранка Костадинова била слободен уметник, иако својот живот го заврши како членка на Ансамблот за народни песни и игри „Танец“. Ненаметлива, скромна, приврзана за семејството, иако со својата песна го имаше минато речиси целиот свет, Петранка Костадинова, секогаш се потпирала само на својот неоспорен пејачки талент.

Be the first to comment

Leave a Reply

Your email address will not be published.


*