ВРАЧУВАЊЕ НА НАГРАДАТА „ЖИВОТНО ДЕЛО”, НА ГОДИНАШНИТЕ ЛАУРЕАТИ, МУЗИЧКАТА ГРУПА „БИСЕР” И НЕЈЗИНИТЕ ЧЛЕНОВИ 02.09.2020

Денес, по повод празникот „2-ри Септември“, Денот на ослободувањето на Демир Хисар, свеченостите започнаа со полагање цвеќе на споменичните обележја во Демир Хисар и оддавање почит, во слава, чест и благодарност кон сите што ги дале своите животи за слободата на Демир Хисар и Р.С. Македонија, од страна на општинска делегација предводена од градоначалникот Стојановски, претседателот на Советот, советници и делегација на Општинскиот одбор на сојузот на борците од Демир Хисар,

Денешниов ден и сите вакви празнични и свечени прилики, во сите нас будат чувство на гордост и благодарност, чувство на одговорност и обврска спрема сите граѓани кои го одбрале Демир Хисар за свое место за живеење и кои дале посебен придонес во неговиот развој.

Исто така, со исклучително големо чувство на исполнетост, задоволство и радост на годинашните добитници на највисокото и најпрестижно општинско признание, наградата за „ЖИВОТНО ДЕЛО”, на годинашните лауреати, музичката група „Бисер” и нејзините членови, им ја честитаме наградата и им посакуваме многу радости во животот.

Ова најпрестижно општинско признание, наградата за „ЖИВОТНО ДЕЛО”, во свечен амбиент на свечена седница на Советот на Општина Демир Хисар, денес, им беше врачено на годинашните лауреати, музичката група „Бисер” и нејзините членови, во името на граѓаните на Општина Демир Хисар и во име на градоначалникот Стојановски, со што им оддаде јавно признание и изрази јавна благодарност за сѐ што направија за промоција и афирмација на нашиов роднокрај, за Демир Хисар и за сите негови граѓани.

Градоначалникот Стојановски, во негово лично име и во името на граѓаните на Општина Демир Хисар, им ја честиташе наградата на групата „Бисер”, и им посака искрено желби за добро лично здравје и здравје на нивните фамилии, љубов, среќа во животот и успех на

секое поле.

– Празниците и ваквите ретки поводи како овој во којшто се одбележува 76 годишнината од ослободувањето на нашата општина, се најдобра и најубава прилика за доделување на важни општински одличја, и затоа, по тој повод Општина Демир Хисар, оваа година одлучи највисокото признание – награда за животно дело да ја додели на членовите на музичката група „Бисер”. Дел од ваквите моменти, искрено можат да се препознаат преку повеќедецениската упорна, беспоштедна, макотрпна работа на музичката група „Бисер” која, како феникс, се издигна од пепелот на животот на таканаречената мала провинција, и ги достигна височините во својот несопирлив развој, истакна Стојановски.

Во свое лично име и во името на општинската администрација, Стојановски, упати и честитка кон сите наши сограѓани по повод денешниот празник, Денот на ослободувањето на Демир Хисар.

На крајот од својот говор, градоначалникот Стојановски, ја цитираше пораката која во предвечерието на доделувањето на најпрестижната општинска награда, му ја испрати членот на групата, Благоја Шундовски, во која се вели:
– Почитуван Градоначалник, утре 2. Септември, обденува еден од најважните денови од нашата естрадна кариера. Вие и природно станавте дел од таа емотивна споделба на тоа чувство.
Со почит, група „Бисер”.
А, во одговорот на градоначалникот стои: „Ви благодарам г-дин Шундовски, а задоволството е и мое да бидам дел од Вашите мигови на среќа и сеќавања.”

На средина од свечената општинска централна манифестација следуваше емотивен дел на постхумно доделување на плакета за основачот и фронтменот на групата „Бисер”, почитуваниот Јане Ангелевски, кој, како што ќе каже неговиот колега, личен пријател и побратим, Благоја Шундовски во неговото излагање:
„Јане беше основачот, коренот, темелот, стеблото на групата. Човекот, кој до последен момент не ги штедеше и беспоштедно ги трошеше неговите животни капки пот за својата втора животна љубов, групата Бисер”.
Плакетата беше доделена на претставник од неговото семејство, односно на сопругата на Јане.

Во знак на благодарност и исклучителни заслуги за зачувувањето на споменот на групата „Бисер”, г-ѓа Виолета Ангелевска, сопругата на Јане, на градоначалникот Стојановски, претседателот на Совет, Станојоски, на претседателката на Комисијата за одбележување празници и манифестации и доделување награди и признанија, Татјана Кочовска и на директорот на Домот на културата, Зоран Котевски, им врачи по еден оригинален и уникатен примерок од компилациски – компакт диск, на којшто се наоѓаат сите песни од личната продукција на БИСЕР.

После официјалниот дел од цеременијата, присутните, блиските роднини на членовите на групата, пријателите, како и нивните симпатизери и фанови, имаа можност и пред сѐ, особена чест, почитувајќи ги сите препораки и мерки за заштита од Коронавирусот, да се фотографираат со годинашните лауреати во Домот на културата „Илинден”, на сценската бина.

Групата „Бисер”, упати и благодарност до сите присутни, посакувајќи им многу лично здравје и здравје на нивните семејства, со пораката: „Наградите не се добиваат, туку добитниците ги создаваат со своите дела”.

Be the first to comment

Leave a Reply

Your email address will not be published.


*