ТАНЕЦ ЌЕ НАСТАПИ ВО ЕДНА ОД НАЈУБАВИТЕ КОНЦЕРТНИ САЛИ ВО МЕЛБУРН

На 17 ноември во 19:30 часот, ансамблот Танец ќе одржи целовечерен концерт во прекрасната сала „Елизабет Мардок“ (Elisabeth Murdoch) во модерното здание „Melbourne Recital Centre“.

Интимната и акустично извонредна сала „Елизабет Мардок“ се одликува со исклучителен архитектонски дизајн и технички услови од светската класа. Правена е по углед на европските концертни сали, а просторот е обложен со дрвени панели донесени од австралиските плантажи на борови, така дизајниран да може да резонира како корпусите на инструментите и да обезбеди поголема акустичка интимност во аудиториумот. Поставеноста на бината, карактеристичните балкони и сите други елементи и нивоа на објектот, придонесуваат кон збогатување на моќноста на звукот, чистината на тонот, но даваат и можност за одличната комуникација помеѓу изведувачите на сцената.

Салата „Елизабет Мардок“ е одличен спој на класичноста и прогресивноста, совршено место со капацитет од 1000 места за врвни уметнички изведби на мали и средно големи камерни ансамбли, на солистички концерти, како и сцена за грандиозни спектакли на цели оркестри, хорски дела и големи музичко-сценски состави.

Уметниците на Танец веќе ја посетија салата и нема сомнеж дека во недела ќе блеснат во полн сјај во овој прекрасен простор и ќе му вдахнат нова енергија. Можете ли да си замислите како ќе одекне “Тешкото” во овој совршен акустичен простор?

Be the first to comment

Leave a Reply

Your email address will not be published.


*