Мартин Вичиќ со порака од Мелбурн


Почитувани пријатели, почитувани сонародници дома и надвор,
Танец во моментов е на турнеја во Австралија. Уметниците од ансамблот со радост после 11 години и тоа токму во годината на големиот јубилеј, стапнаа на далечниот, а толку близок континент и се максимално подготвени за три врвни концерти пред публиката во Мелбурн, Канбера и Сиднеј. За жал, за цело време, а сега посебно интензивно, се соочуваме со негативна кампања и опструкција на закажаните концерти и тоа водени од поединци од нашата заедница. Постојано сум и лично провоциран со недолични прашања и квалификации, но мене политиката и тие методи на комуникација ми се туѓи и навистина не можам да се впуштам во такви дебати и конфронтации. Оттука, чувствувам потреба, како актуелен раководител на Танец, кусо да се огласам во јавноста. Јас сум на оваа функција во моментов, пред мене имало многу директори, а по мене верувам уште повеќе, но она што е константа, она што е континуитет сите овие седум децении е ансамблот Танец, сите генерации играорци и музичари, а со тоа и нашата култура и традиција, македонската самобитност. Во овие седум децении се смениле повеќе историски и општествени контексти, но македонското оро и песна, македонската музичко-фолклорна традиција, македонскиот јазик и култура гордо им пркосат на сите тие предизвици. А тоа е така затоа што сите генерации вработени во Танец и сите генерации поддржувачи на овој наш подвижен музеј на македонскиот фолклор, вложиле многу љубов и многу труд да го одржат ова што денес го имаме. Чувствувам дека како никогаш досега, македонската заедница во Австралија е разединета, а чувствувам и дека токму ваквите моменти, кога им гостува најголемиот македонски културен амбасадор, се вистинските за повторно обединување. Ги потсетувам дека и во најголемите војни во минатото, секогаш победници биле македонската песна и оро, дека тие опстоиле вон сите историски рамки и вон сите административни граници. Ние сме можеби сведени на мала територија, но нашата духовна култура е голема колку планина, а тоа е така благодарение на сите нас. Сите ние сме задолжени да си ја чуваме музиката, како што јас сум задолжен од македонското образование кое ми го даде знаењето и дипломата, но и од моите дедовци кои ми го дадоа во аманет целото македонско музичко-фолклорно богатство. Јас сум должен да го чувам и негувам, тоа е и должност на уметниците во Танец, но и на сите вас. Се надевам дека сите заедно ќе успееме да го издвоиме колективниот над личниот профитерски интерес. Танец е и наша гордост и наша должност. Ајде сите заедно да му се радуваме. Во оваа прилика ги поканувам сите нашинци во Австралија да дојдат на концертите и заедно да уживаме во прекрасните македонски ора и песни. Едни без други не можеме и не смееме.

Be the first to comment

Leave a Reply

Your email address will not be published.


*