Ѓоко Јовиќ со нова песна и спот

Познатиот пејач Ѓоко Јовиќ и актерот Владо Дојчиноски снимија краткометражен филм. Станува збор за видеото кое што се снимаше деновиве во Охрид, односно спотот за најновата песна од Јовиќ, кое ќе биде нивно заедничко ремек дело.

На повеќе локации во Охридскиот регион, во соработка со ИН Продукција се снимаше новиот спот од Ѓоко Јовиќ. Главен лик во видеото е еден од најпознатите актери во Македонија, Владо Дојчиноски, кој воедно е и режисер на видеото.

-Оваа песна бара многу, бидејќи страшно е емотивен и текстот и мелодијата, но и начинот на изведба, па тоа мора да се оправда со спотот. Мислев дека ќе биде многу комплицирано да се извадат тие емоции, точните локации и мислев дека ќе е потребно многу време, но тоа одеше многу глатко, убаво и спонтано и завршивме во многу пократко време од тоа што очекував.-вели Владо во интервјуто за ИН ТВ.

-Имаше снимање на многу различни локации, локации кои од една до друга не би ги споиле на едно место, а гледаме дека можат да се спојат. Започнуваме на едно место каде што нема капка вода, а завршуваме со голема вода за која што не знаеме дали е езеро или океан. Јас сега ќе кажам не како режисер, туку како актер, бидејќи јас најмногу ја почувствував водата. Мислам дека главните обожаватели на Ѓоко, тоа веќе го проследија.-раскажува Дојчиноски, за естрадниот магазин Естрада плус.

-Не можев, а да не се вклучам во живо на фејсбук. Сакав и моите пријатели да можат да го погледнат тој момент кога Владо среде ноември за целите на спотот, скока во Охридското езеро. Мислев дека сум голем професионалец во работата, но денес сфатив дека за едно ниво погоре има некој што е уште поголем професионалец. Искрено, од срце го кажувам ова.-изјави Ѓоко.

Покрај Владо и Ѓоко, во видеото се појавува и синчето на Ѓоко, Михаил, како и неговиот татко Тодор.

Инаку, Јовиќ пред извесно време на неговиот фејбук профил објави дел од песната и доби низа позитивни коментари, па заедно со спотот, очекува песната да даде одличен резултат.

-Нас многу ни се допаѓа, но ќе видиме ќе го оставиме тоа на публиката, иако дел од песната објавив на фејсбук. На клавир по дома отсвирено и многу беше прифатено и песна како песна е добра, но мислам дека спотот е многу подобар затоа што е во режија на Владо. Тоа тој го изведе во најдобар ред, со одлично смислено сценарио, па дури на крајот ми рече дека ова може да биде краткометражен филм.-додава Јовиќ, за гледачите на ИН ТВ.

Музиката и аранжманот се на Ѓоко Јовиќ, а текстот го напиша Александар Стеваноски. Како што вели Ѓоко во интервјуто, кум на песната ќе биде актерот Владо, кој сеуште размислува кој наслов ќе биде најсоодветен за новиот хит на Ѓоко.

Be the first to comment

Leave a Reply

Your email address will not be published.


*