Танец стартуваат со концерти низ Австралија

Играорците на МКУД Ансамбл “Тоше” им приредија топол пречек на членовите на Македонскиот “Танец” на аеродромот во Мелбурн.

МКУД Ансамбл “Тоше” ќе им биде домаќин на нашите најголеми амбасадори ширум светот, “Танец”, кои на големо задоволство на нашите македонци ширум Австралија, остваруваат нова Австралиска турнеја.

Облечени во македонски народни носии, играорците од Ансамблот “Тоше” на аеродромот во Мелбурн, ги пречекаа членовите на Македонскиот Национален Ансамбл Танец, пренесува порталот Фаланга.

Концертот на “Танец” во Мелбурн ќе се одржи во недела 17 ноември, во “Melbourne Recital Centre”.

“Танец” во Австралија ќе останат две недели, а ќе одржат концерти и во Сиднеј, но и во главниот град Канбера.

Пред нивното заминување за Австралија, за камерата на ИН ТВ дел од членовите истакнаа дека со нетпрение ја очекуваат дружбата со нашинците кои живеат во оваа далечна земја и се надеваат на одлична забава.

-Очекувам прекрасна забава и ете ќе ја искористам оваа прилика официјално да ги поканам нашинците, сите македонци кои што се вљубеници во македонската музика, култура и традиција да присуствуваат на нашите концерти. Имаме навистина богата и убава програма што вреди да се види, јавно ги поканувам и сигурен сум дека ќе уживаат. Јас неколку пати сум бил во Австралија, но како дел од Ансамблот сум за првпат.-изјави Кирил Митоски за гледачите на ИН ТВ.

-Последен пат бевме во 2008-ма година, имавме успешна турнеја и одржавме повеќе концерти низ градовите каде што ги има нашите македонци. И ете после 11 години повторно Танец во Австралија. Ова беше подолг период и се надевам дека ќе има голем интерес бидејќи го презентираме она што е најубавото од Македонија, фолклорот, песната, играта и музиката.-истакна маестро Милан Завков кој воедно е раководител на Оркестарот на Танец.

-За мене ќе биде трет или четврти пат заедно со Танец да патувам за Австралија. Чест ми е и задоволство особено како првенец да допринесам за нашите иселеници се осеќаат уште подобро, бидејќи ние го пренесуваме она вековното, односно исконското што е од Македонија.-вели Љупчо Маневски, првенец во Танец.

Тие годинава со спектакуларен концерт одбележаа јубилеј од 70 години постоење.

Традицијата и фолклорот претставуваат најдобро чувана тајна која како свеќа не води во тунелот на времето, а македонскиот “Танец” без сомнение претставува подвижна енциклопедија на македонскиот народ.

Во продолжение погледнете како членовите на “Танец” беа пречекани на аеродромот во Мелбурн !


https://www.youtube.com/watch?time_continue=111&v=1KaA_6yH7y8&feature=emb_logo

Be the first to comment

Leave a Reply

Your email address will not be published.


*