Црногорец вљубен во песните на Никола Бадев: „Македонците не знаат што им остави Бадев“

Доказ дека староградската македонска музика е најголем амбасадор на земјава надвор, говори посетата на еден седумдесетгодишен црногорец на родниот град на Никола Бадев, Кавадарци. Дошол со една причина. Да го почувствува крајот каде се негува и од каде потекнува. Тој вели дека Македонците малку знаат што оставил во наследство овој голем пеач за македонската музика.

Живко Делиќ, 40 години, по смртта на пеачот со кадифен глас, копнеел да го посети Кавадарци, да се запознае повеќе со делото на Бадев и по 4 децении неговата желба станува реалност. Ја посети спомен собата која во чест на Никола Бадев е отворена во кавадаречкиот музеј, долго ја гушкаше спомен бистата која се наоѓа во центарот на Кавадарци и постојано повторуваше, дека Македонија го имала најголемиот пеач во целиот Балкан.

„Тоа што Никола Бадев го даде за Македонија е многу. Тој е најголем пеач според мене на целиот Балкан. Тоа е голем уметник, голем мајстор кој остави многу за вашиот народ, но и за мене. Јас додека живеам ќе ги пеам неговите песни. Овој ден го чекав 40 години и го доживеав. Ова е најсреќен ден во мојот живот, да дојдам на неговта биста и да ја прегрнам. Многу македонци не знаат што имаа и што загубија“ , вели Делиќ.

Додека разговаравме солзи се слеваа по неговото лице. За првпат со песните на Бадев се сретнал во 1964 година, а од тогаш до денес секојдневно се негов сопатник.

„Најголема причина поради која многу ги сакам Македонија и македонците е Никола Бадев и вашата народна музика. Кога првпат го слушнав Никола Бадев во 1964година, неговата боја на глас толку многу ме воодушеви. Прекрасно пеење, да не може подобро да се пее. Ја засакaв македонската музика. Бадев е мој најголем идол. Имам напишано една песна за него. Пеам многу негови песни. Целиот материјал снимен од Бадев го имам во мојата резиденција. Го чувам, бидејќи тоа за мене е големо богатство. Имам многу песни. Многу ги сакам „Мори моме Магде, „Дали знаеш паметиш Милице“, „Тешка беше нашата разделба“… Тоа се песни баш за душата“- вели овој седумдесетгодишен Црногорец, вљубеник во македонската староградска музика.

Ни раскажа дека целиот град каде што живее во Црна Гора, знае дека за неговата љубов кон македонската музика и дека одлично ги свири и пее. Го прашувале дали е Македонец или црногорец.

Делиќ посетата на Кавадарци ја искористи да ги запознае и ќерките на доајенот на мекедонската музика, Сузана и Роска.

Извор: mms.mk

Be the first to comment

Leave a Reply

Your email address will not be published.


*