УСТАВЕН СУД ПРЕСЕЧЕ: Иванов има право на помилување


Уставните судии кои гласале против одлуката на Уставниот суд да се укинат измените на Законот за помилување, донесени во 2009 година сметаат дека членот 11 кој му овозможува на Претседателот Ѓорѓе Иванов дискреционо право за помилување се враќа во законското решение кое е на сила и денеска.




Во 58 број на Службен весник, објавен во март 2016 година, во кој е објавена и одлуката на Уставниот суд, четири судии кои гласале против од вкупно девет судии колку што брои Уставниот суд напишале свое издвоено мислење во кое прецизираат, зошто гласале против одлуката, односно, зошто не се согласуваат со укинувањето на законските измени. Нивното мислење може да се најде на 52та страна од службеното гласило.

„Особено интересно е што со укинувачката интервенција на член 10 од Законот за изменување и дополнување на Законот за помилување се враќа во примена член 11 од Законот за помилување кој уредува дека Претседателот на Републиката по исклучок може да дава помилување и без спроведување на постапка за помилување пропишана со овој закон кога тоа е од интерес за Републиката, или кога посебни околности што се однесуваат на личноста и на кpивичното дело укажуваат дека е тоа оправдано.

Преку укинувањето на измените на законот овој член повторно се враќа во сила, а тој овозможува Претседателот да помилува определено лице без воопшто да се спроведе законски пропишана постапка во случај тој да смета дека е оправдано.“ – се вели меѓу другото во издвоеното мислење под кое се потпишани тогашните судии во Уставниот суд, Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Сали Мурати, и Гзиме Старова.

И Собранието констатира дека членот 11 постои во Законот за помилување

По истиот член, месец дена по оваа одлука на Уставниот суд, Претседателот Ѓорѓе Иванов изврши аболиција на 56 лица, главно високи државни функционери.
По ова следеа измени на овој закон, предложени од пратениците Илија Димовски од ВМРО-ДПМНЕ и Талат Џафери од ДУИ.
И во самата предлог измена која му е доставена на Собранието јасно стои дека членот 11 постои во ова законско решение и во неа пишува дека по овој член се додава нов член 11а.



Со измените на Димовски и Џафери на Претседателот му се дава обврска по барање на лицата кои добиле аболиција истата да ја повлече. Исто така, измените на законското решение му дозволија на Претседателот 30 дена по стапувањето на сила на измените да ја повлече аболицијата без за тоа да даде било какво образложение. Бидејќи 30 дена по донесување на законското решение се одамна поминати, оваа одредба практично нема правна сила во моментов.

Само Владата смета дека Иванов нема право на аболиција

И премиерот, а подоцна и министерката за правда и владиниот портпарол, спротивно на тврдењето на уставните судии сметаат дека Претседателот нема право да помилува бидејќи членот 11 кој еднаш веќе бил укинат, не може повторно да биде вратен во правниот промет, бидејќи на тој начин Уставниот суд се става во позиција да креира законски решенија.
Од друга страна, Владата смета дека помилување не може да се изврши за време на предизборна кампања, бидејќи на тој начин, Претседателот ќе ги прекршел законите и Уставот.

Со укинувачка одлука на Уставниот суд од 2016 година тој член не е вратен, не е „оживеан“ што би се рекло со судски израз, така што не постои во правниот систем на нашата држава таков инструмент, Факт е дека до овој момент во Министерството за правда исто така не се пристигнати никакви барања за помилување на осудени лица за настаните од 27 април. Се што ќе се направи надвор од овие рамки би било дефинитивно кршење и на законите и на Уставот. Не очекуваме дека претседателот би се дрзнал тоа да го направи, речевладиниот портарол Бошњаковски на денешната прес-конференција одговарајќи на новинарски прашања.

Измени и укинувања

По аболицијата на Заев во 2009, тогашната Влада на Груевски го донесе Законот за измена на Законот за помилување со кој беше укината можноста на Претседателот да врши помилувања а беа додадени и нови ограничувања во насока на тоа, за кои дела може, а за кои не може да се врши помилување и во постапка која ја води Министерството за правда.

Во 2016 година кога беше извесно дека ќе има серија кривични пријави против функционери на тогашната власт, Уставниот суд носи одлука со која го укинува Законот со кој беше изменет Законот за помилување. Непостоењето на Законот со кој е изменет Законот за помилување според Уставниот суд го враќа на сила старото законско решение од 1993 година (кое важеше пред измените во 2009 година), а месец дена подоцна Иванов аболира 56 лица, против кои се уште не се водеа постапки или истите беа во фаза на истрага.

По уличните нереди и силниот притисок на јавноста, тогашната власт на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ носи нови измени на овој Закон но тие се во насока да му овозможат на Претседателот и оние кои се аболирани да побараат аболицијата да биде повлечена.
И тогаш како и сега се разви дебата дали Претседателот има право да врши помилувања, но Собранието со законските измени практично констатираше дека членот 11 постои во македонскиот правен систем.

Be the first to comment

Leave a Reply

Your email address will not be published.


*