Македонци уапсени оти експлоатирале сонародници, сезонски работници

Петмина Македонци и еден Бугарин се уапсени во Северна Италија поради фалсификување на документи и потикнување нелегална миграција, во акцијата „Сонце“, информираат италијанските медиуми. Станува збор за семејство од градот Алба, кое ангажирало сезонски работници од Македонија за работа на лозови насади, на кои им фалсификувале бугaрски лични карти, но им ги задржувале нивните пасоши и им исплаќале помалку од половина од дневниците кои реално требало да ги земат.

Приведени се Борче Ѓеоргиев (43), сопственик на фирмата „Бобимак“, како и неговата мајка М.Ѓ.(61) и сопругата С.Н.(43), како и Драган Ристов (25), Сашко Петров (43) и Г.Г.(39), професионален возач од Бугарија. На сите шестмина им е одреден притвор. За криминалот се осомничени уште тројца Италијанци и еден Македонец, но тие се товарат за помагање и не се притворени.

Како што соопштија од италијанската полиција, операцијата „Сонце“ почнала во јуни лани и завршила во саботата, а во неа учествувале педесетина карабиниери.


Според медиумите, во изминативе години многу сезонски работници ги населиле регионите на Москато  и Барбера познати по лозовите насади, кои, иако се претставувале како Бугари, всушност биле Македонци. Тие работеле на имотите на локалните винарии, кои регуларно ги изнајмувале од фирмата „Бобимак“ на Ѓеоргиев од Алба со кого со години наназад соработувале.


„Бобимак“, всушност, бил активен со години и познат кај винарите во покраината Асти како посредник за сезонски работници, а ги регрутирал во Македонија преку објави на интернет и на радио. На интернет можат да се најдат огласи кои датираат од лани, а се рекламирал и на Радио Кочани. Сепак, според полицијата, македонските граѓани, бидејќи не се дел од ЕУ мораат да следат долги и сложени процедури за влез во Италија, што е секако неспоиво за „еластичните” потреби за сезонските работи на лозјата.


Ѓоргиев нашол многу едноставен трик: откако ги регрутирал, ги испраќал кај својот доверлив возач, кој нелегално ги внесувал во Италија со автобуси кои пристигале во Алба. Таму ги прифаќал Ѓоргиев, кој ги носел во својот дом, ѝ им ги зел личните документи по што ги спречувал да ја напуштат куќата. Потоа ги фотографирал илегалците, а истиот возач ги носел фотографиите во Бугарија, каде за два дена ги изработувале лажните лични карти. На тој начин, во само неколку потега Македонците се претворале во Бугари, а потоа и во граѓани на ЕУ со голема слобода на движење во Европа. Откако добиле лажни документи „Бобимак“ регуларно ги ангажирал и рутински ги упатувал до одгледувачите кои ги побаруваа неговите услуги, велат од полицијата.

Но, според полицијата, тие работници во лозовите насади работеле недокументирани бидејќи  Ѓоргиев не им ги давал документите за да ги спречи евентуално да избегат, а ги контролирале двајцата сонародници- Драган Ристов кој бил задолжен за областа Ница и Сашко Петров за областа Канели.

Она што е потрагично, работниците добивале толку колку да не бидат гладни, односно наместо 7 евра на час, колку што винариите исплаќале за надничарите, Македонците земале по 2,5 евра. Остатокот го задржувал Ѓорѓиев и неговата организација поради трошоците за нивниот пат до Италија, за фалсификување на бугарските лични карти, како и за сместувањето и храната, кое според полицијата, било на многу ниско ниво. Работниците не им останувал друг избор бидеји и вистинските и лажните документи не биле кај нив и морал да соработуваат со Ѓоргиев.

Be the first to comment

Leave a Reply

Your email address will not be published.


*