Камчев, Мијалков и други осомничени во предмети на СЈО излегуваат од притвор

Орце Камчев, Сашо Мијалков и останатите осомничени за случајот „Империја“, најверојатно утре ќе излезат од притвор. Очекувањата се дека и други лица осомничени во предмети на СЈО ќе го напуштат истражниот затвор во Шуто Оризари.

Оваа информација неофицијално за „Макфакс“ ја потврдуваат од Специјалното јавно обвинителство, иако адвокатот на Камчев и Мијалков, Антонио Апостолски изјави дека досега не добил никакво известување оти неговите клиненти ќе излезат од притвор. Конечниот збор за тоа, треба да го каже судот, од каде засега нема потврда.

Претходно, Камчев и Мијалков поднесоа гаранции во имот што вреди милиони евра за да излезат од истражниот затвор.

Во предметот „Империја“ истрагата опфати 13 лица. Првично притвор им беше определен на бизнисменот Јордан Камчев, неговите соработници Ненад Јосифовиќ и Зорица Арсовска, директорот на „Пелагонија“, Цветан Панделески и директорот на фирмата „Ексико“, Тодор Мирчевски. За овој случај е осомничен и Сашо Мијалков, на кој на 2 декември му беше изречена мерка притвор од 30 дена.

Покрај нив, осомничени се и Ратка Куноска Камчева, Христина Камчева Стојческа, Лилјана Гајдовска, Владислав Стајковиќ, Дејан Јанев, Ванче Мијалчев и Јованче Тасковски.
Сите се осомничени за сторени кривични дела злосторничко здружување, оштетување или повластување на доверители, злоупотреба на службената положба и овластување, измама и перење пари и други приноси од казниво дело во периодот од 2002 година до 2013 година.

Be the first to comment

Leave a Reply

Your email address will not be published.


*